Општина Битола: Пелистер е речиси „мртов клуб“, акционерите да подмират околу 150.000 евра долгови!

Претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски на прес-конференција денеска во Битола повика досегашните акционери на ФК Пелистер да ги подмират сите свои долгови кон клубот, како би можело да се спаси сезоната за битолскиот прволигаш.

Груевски информираше дека мнозинските акционери Орка Холдинг, Пелистерка, ЗК Пелагонија и Жито Битола должат околу 150.000 евра, а се уште не одржале акционерско Собрание на кое би се верификувале нивните оставки поради што општина Битола и од правен аспект е со „врзани раце“…

„Ние уште еднаш кажуваме дека нема да го оставиме ФК Пелистер на цедило, но затоа е неопходно акционерите под итно да ги подмират сите долгови за да може да го спасиме за сезонава клубот. Во моментов  клубот е во голема правна и финансиска криза наметната од досегашните мнозински акционери. Општина Битола е со 25% акционер на Пелистер и за 2017 година исплатени се согласно договорот 130.000 евра за клубот, според акционерскиот пакет. Но, не е испочитувана уплатата од мнозинските акционери Орка Холдинг, Пелистерка, ЗК Пелагонија и Жито Битола. Според нашите сознанија клубот должи само за плати на фудбалерите меѓу 130.000-150.000 евра заклучно со крајот на 2017 година. Има долг и од 24.000 евра кон поранешниот тренер Наџи Шенсои, а има дополнителни долгови во висина од околу 15.000 евра за превоз, вработени во клубот, итн…“ – истакна Груевски кој повика акционерите до утре да го платат долгот за да општина Битола со чиста сметка го презема и спаси клубот.

„И од пд правен аспект сме со врзани раце затоа што уште мнозински акционери се компаниите кои ги споменав, па иако си поднесоа оставки, истите не одржале акционерско собрание и оставките не ги верификувале. Па општина Битола не може правно да го преземе управувањето со клубот. Ги повикуваме мнозинските акционери да го исплатат долгот и клубот да го остават со чиста процедура. Без платени обврски, ние немаме обврски да го преземеме клубот. До утре треба да се исплатат долговите, а потоа може да биде прекасно за клубот. Повторувам дека општина Битола нема да се откаже од фудбалскиот клуб, но во овој момент врзани ни се рацете за дејствување. Од разговорите што ги имаме со акционерите тие, пак, бараат да им се исплатат 100.000 евра, од пред една и пол година. Но, ние немаме никаква правно обрска за тоа“ – дополнува Груевски.

А, Пелистер е речиси ‘мртов’ клуб кој во моментов има само осум фудбалери, оставен буквално на цедило. Без стручен штаб, без администрација, без основни услови за тренинг… Ниту се има план кога би се почнале подготовки за пролетниот дел од сезоната.

„Ако на време се исплатат сите обврски, ние сме подготвени да ја санираме целокупната состојба. Но, акционерите мора под итно да ги исплатат долговите, затоа што без чиста сметка општина Битола нема можност да реагира“ – заврши Груевски.

Се вчитува...