Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по денешниот координативен состанок на прес-конференција информираше дека Општина Охрид оваа година ќе го организира традиционалниот Охридски пливачки маратон кој слави 60-години јубилеј.
Како и во која форма ќе биде организиран маратонот ќе биде соопштено дополнително, но во тек се разговори со Агенцијата за млади и спорт и со спонзори за поддршка на организацијата на маратонот.
Пецаков ја истакна и несериозноста на Националната пливачка федерација која, за жал, целосно го уништува пливањето, дозволила да се дојде до оваа ситуацијата, а пливачи се жалат дека не им се исплатени и наградите од минатите години.
„За оваа година ќе направиме се што е и што не е во наша моќ да успееме да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата, на што добив и веднаш одговор од Агенцијата за млади и спорт. Треба да пристигне директорот и да видиме на кој начин би учествувале тие во организацијата на маратонот. Не можам да сфатам како се доведуваме во ситуација да останеме без маратон, односно да поминеме со едно соопштение дека истиот нема да се одржи поради блокирана сметка, состојба која трае долги години. Што правеле досега? За да поканите пливачи на маратонот потребно е месец дена однапред да се известат и да го потврдат нивното доаѓање. Сега се поставуваме во една временска крајна зона каде незнам колку би добиле позитивни одговори. Поканите се веќе испратени од вчера, сабајлево почнуваме да добиваме одговори, на кои потенцирам дека најбитно прашање е дали ќе има награден фонд бидејќи наназад две три години не им се исплатени наградите“ – истакна Пецаков кој потенцираше дека Општината заедно со одредени спонзори со кои се во комуникација изминативе 12-13 часа ќе успеат да обезбедат одреден фонд.
„Да видиме и Агенцијата за млади и спорт со колку средства ќе може да го поддржи маратонот и да направиме една пристојна финансиска конструкција со која би се одржал. Но, пак ќе потенцирам дека без пливачи настан нема. Тоа е главната и основна борба за која легендите во македонското пливање меѓу нив Томи Стефановски, а секако и Евгениј Поп Ацев ќе побараме личниот свој интегритет и авторитет да го заложат и да ги поканат овие пливачи, се со цел маратонот да се одржи. Од разговорот со охридските пливачки клубови кои всушност се организатори на настанот технички се спремни да го организираат овој настан, а околу финансиите дефинивно се потребни околу 50 000 евра за да изгледа како што треба во ова време кога дојдовме да го организраме по откажување. Оваа година би можеле со толку да организираме и Општина Охрид е спремна сетоа тоа да го понесе“ – рече Пецаков и дополни:
„Ние секако дека ќе го поканиме Претседателот да биде покровител и наредната година, бидејќи ова е настан од државен интерес, но главната организација ќе гледаме да ја преземеме ние како Општина заедно со Охридските клубови. Оваа изјава за неодржување на Охридскиот маратон ја отвора пандорината кутија во Пливачката федерација пред се и нештата допрва ќе се дознаваат како и што се случувало таму. Најбитно ни е мратонот да почне да го враќа стариот свој сјај кој привлекуваше многу луѓе како од Охрид, така и од Македонија, па и од странство да го следат. Ќе мора да направиме многу работи пред се на организационо ниво, па потоа со фондот и наградите, но и во поглед на серозноста на организацијата, заклучи Пецаков потенцирајќи дека во текот на денот ќе има информации дали, како и во која форма ќе се одржи овој маратон“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА