Опстанокот на МЗТ во АБА само сон: Убедлив пораз од Борац во Чачак

МЗТ ги загуби речиси сите шанси за опстанок во најдобрата АБА лига со поразот од директниот конкурент Борац во Чачак вечерва со 105-84.

„Металците“ не успеаја да го издржат притисокот, и да дојдат до првиот гостински триумф сезонава во регионалната лига, па сега опстанокот се сведува на само теорија (треба сите мечеви да ги добие, а Борац сите да ги изгуби до крајот на АБА). За потсетување дека Борац славеше победа и во Скопје.

Аеродромци добро почнаа, имаа водство на почетокот, а потоа клучна беше серијата во финишот на првата четвртина откако во егал, Борац стигна до серија од 10:0 (27-17), а првата четвртина заврши 29-19. Огромниот пад на МЗТ траеше и во втората четвртина во која тимот од Чачак стигна и до предност од 24 разлика, и се чини тоа беше почетокот на крајот за „металците“. На полувремето домашните имаа +22 (57-35).

Второто полувреме МЗТ фрли на се или ништо, а тоа носеше и многу грешки и многу простор за противникот. Само што ќе направеа серија и ќе намалеа под 20 разлика „металците“, противникот веднаш враќаше со серија на поени и ги држеше на безбедна дистанца од 20 разлика. Имаше и Борац пад во играта, но тоа не успеа да го искористи гостинот, па последната четвртина се играше само за „билдање“ на контото на двата тима. А, тоа го доби МЗТ, но залудно, затоа што на крајот мораше да го признае поразот.

Хејл кај Борац со 22 поени беше најефикасен, зад него Радоњиќ со 19.

Се вчитува...