Ориги на излезна врата од Ливерпул

Јирген Клоп не планира да биде премногу активен за купување на нови фудбалери во Ливерпул, но дел од играчите кои не беа стандардни во последните две сезони веќе си ги спакуваа куферите. Дејан Ловрен беше продаден во Зенит, Адам Лалана како слободен играч се пресели во Брајтон, а по нивните стапки се очекува да тргне и Дивок Ориги, кој е блиску до трансфер во Астон Вила.

Белгискиот ас беше херој на ланското полуфинале од ЛШ против Барселона, потоа даде гол и во големото финале против Тотенхем, но сезонава повторно ја грееше клупата зад Фирмино, Мане и Салах. Британските медиуми информираат дека тој веќе имал разговор со Клоп, при што му било ветено дека ќе добие зелено светло за трансфер доколку пристигне интересна понуда.

Астон Вила е решена да донесе нов квалитетен напаѓач во овој преоден рок, а на врвот на листата со желби на Дин Смит е токму Ориги. Белгиецот е интересен бидејќи има искуство во Премиер-лигата, а воедно е достапен за отштета од максимум 25 милиони фунти. Останува да се види дали Клоп потоа ќе носи нов напаѓач, или како резервна варијанта ќе го користи младиот Брустер, кој постигна 11 погодоци за една полусезона при позајмицата во Свонси.

Се вчитува...