Ослабениот Еурофарм Пелистер по „одмазда“ во Франција

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер денеска ќе го одигра првиот натпревар во Лигата на Европа во 2022 година. Противник на битолчани ќе биде францускиот Ним, кој единствен успеа да освои полн плен против македонскиот вицешампион сезонава во европското натпреварување.

„Пелистерци“ на овој меч ќе бидат сериозно ослабени, откако тренерот Жељко Бабиќ непосредно пред тргнувањето за Франциај се соочи со неочекувани проблеми. Задолжително тестирање пред заминувањето за Франција донесе два позитивни резултати на коронавирус, и тоа на бековите Матео Мараш и Немања Обрадовиќ, а поради болест нема да може да Бабиќ да смета ниту на Јосип Периќ.

„Сигурно дека добродојдени беа натпревари кои ги игравме месецов. Еден од проблемите е што не бевме комплетни и не можевме да вежбаме што подготвивме. Сепак, во секој случај добро е што игравме и тоа ќе ни помогне против Ним. Тие се физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики. Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ним е многу цврста екипа, игра „еден на еден“ и во одбрана и во напад. Имаат одлична транзиција, контра од страна на десното крило и одличен голман, кој форсира контранапади. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Но, тоа се случува кога противниците престанаа да играат кога тие поведоа со 4-5 разлика. Моите играчи знаат дека многу важно е да продолжат да играат ако се случи резултатски пад“, вели Бабиќ.

Натпреварот меѓу Ним и Еурофарм Пелистер кој е дел од 7. коло во Лигата на Европа е закажан за во 18.45 часот.

Се вчитува...