Османи: Го респектираме Номе Калју, најдобар е во својата држава

Македонскиот првак Шкендија го доби естонскиот шампион Номе Калју за противник во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Тоа е можеби и најпосакуваниот од сите можни ривали пред ждребот во Нион.

Тренерот на Шкендија, Ќатип Османи, вели дека шампионот на Естонија заслужува максимален респект.

„Номе Калју е тим кој доминира во Естонија во последните неколку години. Имаме максимален респект, тие се најдобрите во естонскиот фудбал. Ова е натпреварување каде играат најдобрите тимови од секоја држава и ќе мораме да почекаме, да не се расфрлуваме со проценки и прогнози“, вели Ќатип Османи.

Капитенот Арменд Алими вели дека Шкендија го добила посакуваниот ривал.

„Можам да кажам дека имавме среќа при ждребот, Номе Калју беше тим што го посакувавме за ривал. Но, не смееме никого да потнценуваме, туку да веруваме во своите способности и да одиме да ги победиме. Имаме уште три седмици за подготовки и сигурно ќе ги добиеме сите потребни информации за противникот“, истакна Алими.

Првиот меч ќе се игра на 9 јули во Естонија, а реваншот е седум дена подоцна во Македонија.

Се вчитува...