Османи: Хелсинки не е Дачија, сега мора многу посериозно!

Позитивно е расположението во редовите на тетовска Шкендија пред утрешниот прв натпревар против Хелсинки во 2. квалификациско коло за Лигата на Европа.

Шефот на стручниот штаб Ќатип Османи на денешната прес-конференција во Струмица го потенцираше задоволството од начинот на кој неговиот тим ги одигра двата натпревари против молдавската Дачија во првото коло, но сега нагласува дека Хелсинки е далеку поквалитетен тим, против кој ќе треба да се одигра со максимална сериозност во текот на сите 180 минути.

„По натпреварите со Дачија имавме извесен простор за анализа на нашиот следен противник. Секако сме задоволни од начинот на кој ги одигравме двата натпревари против молдавскиот тим, но сега следи нова страница. Хелсинки е далеку поквалитетна екипа, и мора посериозно да се впуштиме во овој натпревар. Тоа им го кажав и на играчите. Мора максимално сериозен пристап во двата натпревари ако сакаме пласман понатаму. А, сигурно нашата желба е да продолжиме понатаму“ – истакна Османи притоа потенцирајќи дека нема да има многу измени во составот во однос на претходните дуели со Дачија.

Сосема слично е размислувањето и на капитенот на тетовци, Ферхан Хасани.

„Тежок натпревар за нас. Со Дачија не очекувавме дека ќе биде така лесно. Сега верувам нема да биде така, но ќе го дадеме максимумот да дојдеме до победа на првата средба, со што потоа би имале нешто полесна задача на реваншот во Финска“ – истакна Хасани.

Натпреварот меѓу Шкендија и Хелсинки од 2. квалификациско коло за Лигата на Европа се игра утре со почеток од 18 часот на стадионот „Младост“ во Струмица.

Се вчитува...