Османи: Создаваме шанси, но не е нормално што промашуваме

Шкендија влезе во новата сезона како апсолутен фаворит за шампионската титула, но тетовци по првите две кола се без освоен бод, но и без ниту еден постигнат погодок во противничката мрежа. Тренерот Ќатип Османи не го крие разочарувањето што слабите игри од европските купови продолжија и на домашната фудбалска сцена.

„Очигледно е дека се наоѓаме во резултатска криза, нормално е потоа тоа да има влијание и врз самодовербата на фудбалерите. Ако ги гледате снимките од нашите средби, за неверување е како успеваме да имаме толку промашување. Значи не е проблем дека немаме игра, напротив, лесно создаваме шанси, но наша болка е ефикасноста, односно неефикасноста. Во минатото ни се случувало да примаме по два гола на натпревар, но да постигнуваме по 4-5, сега губиме средби со по 1-0“ – истакнува Ќатип Османи.

Во периоди на ваква сериозна криза неретко се случува да дојде до тренерска смена во клубовите со високи амбиции. Османи не размислува за оставка, но би ја прифатил одлуката на управата доколку биде решено да дојде до ангажман на нов стратег.

„Секогаш велам дека кога победуваме играчите се најзаслужни, а кога губиме тренерот е најодговорен. Лично чувствувам одговорност, но ние во клубот во целиот овој период сме заедно, ги анализираме сите случувања. Одлуките ги носат тие што се над мене, јас можам да кажам дека сум свесен за целата ситуација и најнормално би ја прифатил било која одлука на сопствениците на клубот“ – вели Османи во изјава за ЕКИПА.

Се вчитува...