Останатите прволигаши се бунат: Во Велес на вештачка трева – ќе биде пекол

Првата фудбалска лига стартува претстојниот викенд, а претставниците на клубовите се собраа на Одборот на прволигашите. Иако нема „сила“ како посебно организирано тело – Здружение на прволигаши, сепак, тука може да се слушне гласот на клубовите. И веднаш проблем, теренот со вештачка трева во Велес на кој треба да биде домаќин новиот прволигаш Борец.

Сите останати клубови покажуваат загриженост да се игра прволигашки фудбал на теренот со вештачка трева на стадионот во Велес доколку временската температура е над 30 степени Целзиусови. Долу на теренот би бил вистински „пекол“, а тоа може да донесе и многу повреди и здравствени проблеми за актерите.

ФФМ најавува и промена на правилото за млад фудбалер до 21 година. Отсега тоа треба да бидат фудбалери кои имаат македонски пасош, но и не настапуваат за друга младинска репрезентација, освен за Македонија. Ова правило треба да биде во насока на развој и напредок на квалитетот на македонските фудбалери. Но, тука со тековен проблем во моментот се соочува актуелниот првак Шкендија.

Одборот на прволигашите заседава, клубовите си ги кажуваат маките, а треба да пресече Фудбалската федерација на Македонија. И така ќе биде се додека клубовите самостојно не се организираат во вистинско Здружение на прволигашите кое ќе може и самостојно да ја води лигата.

Се вчитува...