Освоен е Мадрид: Барса е осамена на врвот на Ла Лига

Барселона е осамена на врвот на табелата во Ла Лига, триумфирајќи на дербито против Атлетико Мадрид со 0-1 и максимално користејќи го вчерашниот „кикс“ на Реал против Вилјареал. Триумфот над Атлетико е уште позначаен ако се знае дека е извојуван без помошта на суспендираниот Роберт Левандовски, во чие отсуство улогата на херој му припадна на Усман Дембеле.

Барселона беше поопасна од самиот почеток на мечот, кога каталонците создадоа две полушанси во противничкиот шеснаесетник, но во последен момент беа изблокирани од дефанзивците на Атлетико. Домаќините не успеаја да го запрат налетот кон средината на првото полувреме, кога Педри одлично втрча во шеснаесетникот и го проигра Гави, овој ја продолжи топката до Дембеле, а Французинот со прецизен удар ја смести во долниот агол од голот на Јан Облак.

Примениот гол ги разбуди фудбалерите на Атлетико, кои заиграа подобро и се почесто се селеа во противничкиот шеснаесетник. Гризман имаше опасен удар пред крајот на првото полувреме, но Тер Штеген успеа да го запре, Атлетико продолжи со нападите и во вториот дел, но не успеа да го најдат патот до мрежата.

Најубавата шанса во 94. минута повторно ја имаше Гризман, кој од пет метри имаше лесна задача да ја смести топката во мрежата, но го погоди Араухо на самата гол-линија.

Тензиите кулминираа во судиското продолжение, кога Феран Торес и Савиќ тргнаа и во физичка пресметка по еден дуел за топката, по што двајцата добијадиректен црвен картон.

Барселона со оваа победа има 41 бод, три повеќе од второпласираниот Реал Мадрид и дури 14 повеќе од Атлетико Мадрид, кој се наоѓа на петтата позиција.

Се вчитува...