Панчев: и Пандев не би играл во Интер од моето време

Горан Пандев и Дарко Панчев, двајца врвни македонски голгетери кои во своите кариери можат да се пофалат со трофеј во Лигата на шампионите. На нашите простори се водат дискусии околу тоа „Кој е најдобриот македонски фудбалер“ на сите времиња, а за Панчев нема дилеми дека тој епитет го заслужува токму тој. Факт е дека „кобра“ имаше неуспешна кариера по заминувањето од Црвена Звезда, но тој смета дека во тоа време ниту Пандев немало да се снајде во дресот на Интер.

„Во мое време, само тројца странци смееја да играат во секој тим во Италија. Замислите да е слична сиутацијата денеска, колку Пандев би играл во Интер? Вие сте тренер и имате право на тројца странци, а ги имате Ето, Снајдер, Милито и Жулио Цезар. Кога би играл Пандев“ – коментира Дарко Панчев во интервју за полските медиуми.

Трансферот во Интер беше погрешен потег на поранешниот ас на Црвена Звезда, но тој сепак за своја најголема грешка го смета одбиениот трансфер во Манчестер Јунајтед.

„Од финансиски аспект на згрешив, но од фудбалски аспект трансферот во Интер ми беше голема грешка. Можев и во Реал, Барселона или Манчестер Јунајтед, а јас го избрав Интер. Тоа е како да си имал четири девојки и да си се оженил со најлошата од нив. Малкумина знаеја дека имав потпишано и преддоговор со Милан. Требаше да биде Папен, заедно со мене, Савичевиќ и со Бобан. Се плашев дека ќе има премногу странци и затоа не отидов во Милан. Сепак, најголемата грешка ја направив во декември 1992 година, кога Алекс Фергусон ме бараше, но јас го одбив Манчестер Јунајтед“ – се присетува Панчев.

Се вчитува...