Панчев: Вардар е моја прва и вечна љубов, заедно со Ц. Звезда се мои клубови – сите други се „фирми во кои работев“!

Најголемото македонско фудбалско име Дарко Панчев во разговор за Радио Телевизија Република Српска, меѓу бројните теми на кои се осврна, потенцираше дека за него постојат само два клуба – Вардар и Црвена Звезда, а сите останати потоа за кои настапувал едноставно ги доживувал како „фирми за работа“.

Панчев постојано, со оглед на својата спортска биографија но и историска тежина, е во фокусот на вниманието на бројни медиуми од поранешна југославија. РТРС допатува во Скопје за новогодишен разговор за „Златната копачка“ потсетувајќи се на неговите најголеми успеси во кариерата и во дресот на Вардар, но и во дресот на Црвена Звезда со која стигна до европската и светската шампионска титула.

„Да, тоа се двата клуба кои ми се во срцето. Вардар е мојата мајка, а Црвена Звезда татко преку кој созреав и станав човек. Факт е дека Вардар  мојата прва вечна љубов, но не можам да ја издвојам ниту Црвена Звезда затоа што таму ги постигнав најголемите мои успеси во кариерата. Ние, во Југославија во клубовите во кои настапувавме ја внесувавме сета своја љубов, а потоа после 27-28 години заминувавме во странство чисто да се заработат некои пари, затоа и тие клубови ги доживува како ‘фирми за работа’. Беше тоа еден  друг принцип, за разлика од денеска кога младите мора рано да заминат во странство и да градат кариери“ – вели Панчев.

Македонската легенда се осврнува и на актуелностите во националниот тим и промената на селекторската функција.

„Неспорен факт е дека Благоја Милевски постигна нов голем успех во континуитет со тоа што ја донесе репрезентацијата вторпат едноподруго во бараж за СП. Пред три години ја елиминира Италија и игравме финале, а сега не чекат бараж со Данска, која е голем фаворит, навистина квалитетна селекција. Но, во фудбалот се е можно и ние секако, со оваа генерација, се надеваме на нов успех. За македонската репрезентација а тешко затоа што 70% од играчите и не ни играат во своите клубови, затоа и мора да му се честита на Милевски кој секогаш извлекувал максимум од тоа со кое располага. Сега имаме нов селектор во името на Гоце Седлоски и времето ќе покаже дали е тоа исправен потег, пред баражот со нов селектор. Мое лично мислење е дека Милевски требаше да си ја заокружи работата и да го води тимот во баражот за кој се избори, но тоа е мислење, а секако во федерацијата си имаат свои размислувања и ќе видиме што ќе се случи“ – истакнува Панчев, кој се осврна и на ситуацијата во македонскиот фудбал на клупски план.

„Задоволство ми е што Вардар се врати на местото кое го заслужува во македонскиот фудбал. Токму новиот селектор Седлоски го води тимот и добро им оди. Се надевам дека ќе бидат шампиони на крајот иако имаат сериозни конкуренција во Струга ТЛ и Шкендија. Мислам дека до крајот тие три екипи ќе се борат за шампионската титула“ – вели Дарко Панчев.

Се вчитува...