Пандев и Џенова го освоија „Сан Сиро“

Горан Пандев продолжи со одличните игри во дресот на Џенова, предводејќи ја својата екипа до големата победа на гостувањето против Милан од 1-2.

Токму Македонецот го најави големото изненадување на „Сан Сиро“, откако во седмата минута се најде на вистинско место во вистинско време и го матираше Беговиќ, со својот седми овосезонски погодок. Џенова одигра одлично полувреме, па на одмор замина со 0-2 по голот што во 39. минута го постигна Касата.

Пандев остана на теренот се до 79. минута, кога беше заменет со Пинамонти. Ибрахимовиќ намали на 1-2, а шведскиот ас ја имаше и најубавата шанса за израмнување, кога во 80. минута по еден центаршут од левата страна очајно шутираше со глава.

Во вториот натпревар што стартуваше во 15 часот Сампдорија со пресврт во второто полувреме ја совлада Верона со 2-1, со головите што ги постигна Квалјарела во 77. и во 86. минута.

Се вчитува...