Пандев: Најважно е Македонија да победи, тоа ќе ми биде најубав подарок и за јубилејот

Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер на арената „Филип Втори“ против Летонија го стартува квалификацискиот циклус за ЕП 2020 година. Ќе биде тоа јубилеен 100. натпревар за Горан Пандев во дресот на националниот тим. Но, капитенот како и секогаш во преден план го става интересот на националниот тим.  

„Среќен сум што стигнав до бројката од 100 натпревари, но тоа е само во втор план. Мојата желба е да почнеме со победа во квалификациите, тоа е најважно и тоа ќе ми биде вистински подарок за јубилејот. Очекувам и поддршка од трибините, ги повикувам навивачите да бидат со нас затоа што мислам дека изминативе години со игрите ја вративме довербата во фудбалот. Се надевам и дека ќе има гол како заокружување на јубилејот, но пак ќе кажам дека најважно е да победиме, а не кој ќе даде гол. Ако се осврнам наназад, секој натпревар во националниот дрес ми бил важен и драг. Сега моја најголема желба е да се пласираме на ЕП. Тоа ќе биде остварување на сонот“, изјави капитенот Горан Пандев на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот меч против Летонија.

Селекторот Игор Ангеловски е најзаслужен за неговото враќање во репрезентативниот дрес.

„Сакам да им заблагодарам на сите досегашни селектори, на сите соиграчи од минатото и сега но мора да искажам најголема благодарност за селекторот Игор Ангеловски затоа што тој е човекот кој ме врати во репрезентацијата. Без него мислам и дека немаше да стигнам до овој јубилеј. Ако треба да издвојам најдраг гол од изминативе 99 настапи, тогаш сигурно најмногу го паметам оној против Холандија во Скопје“, истакна Пандев.

Се вчитува...