Пандев: Сум играл многу финалиња, но мечот со Грузија ми е најважен во кариерата

Горан Пандев ја одложи пензијата за една година, само за да биде дел од баражот за пласман на Македонија на ЕВРО 2021. Првата пречка беше мината со триумфот над Косово, но сега пред Пандев и репрезентативните колеги е клучниот дуел, пресметката со Грузија од која победникот го добива билетот за европскиот шампионат.

„Кога почнав да играм, прва цел ми беше да играм во светиот дрес, во дресот на македонската репрезентација. Овој сон ми се оствари, еве речиси 20 години го носам репрезентативниот дрес и еве сега сме многу блиску до големата цел, на само 90 минути од пласман на ЕП. Тоа ќе биде најважниот натпревар во мојата фудбалска кариера, на целокупната македонска јавност, се надевам дека и тој сон, да играм со Македонија на едно големо натпреварување ќе ми се оствари“, истакнува нашиот најдобар фудбалер.

Горан Пандев е и убедливо најтрофејниот фудбалер од сите наши репрезентативци, но за голгетерот нема сомнеж, утрешниот дуел со Грузија ќе биде најважен во неговата кариера.

Безброј натпревари, многу финалиња, но секако настапите за Македонија се посебни, не само за мене, туку и за сите овие момци кои се овде. Мечот со Грузија ќе ми биде најважен во кариерата. Секако дека постои трема, знаеме за што играме, што не очекува, но доволно сме искусни за овој натпревар. Знаеме дека е фудбал, можат да се случат многу работи, но оптимист сум и мислам дека на крајот ние ќе се радуваме. Тоа ни е желбата, репрезентацијата да направи успех, сите да ја запознаат нашата земја, да видат дека и кај нас има квалитетни играчи. Мислам дека подобро од тоа нема“, вели Пандев.

За капитенот нема никаква дилема, клуч на успехот во последните години е беспрекорната атмосфера што е создадена во националниот тим.

„Се создаде една репрезентација, сплот од младост и искуство, да бидам искрен 20 години сум овде, но ваква хемија и атмосфера никогаш немало во нашиот национален тим. Сите дишиме заедно, сите сме како едно семејство и жално ќе биде да не ја искористиме оваа шанса. Меѓу најзаслужните за оваа хемија е сегашниот селектор Игор Ангеловски, сме имале многу добри стручњаци на клупата низ терените, сме имале и добри играчи кои настапувале за врвни клубови, но ваква атмосфера во националниот тим сме немаше никогаш. Впрочем, тоа го потврдуваат и резултатите, сите знаеме каде бевме пред пет години, а каде сме сега“, вели Пандев.

 

Се вчитува...