Парондо ја откри вистината за РК Вардар: Со 500 евра плата стигнаа до Ф4 во Келн

Тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо во детали ја објаснува финансиската ситуација во клубот и начинот на кој што функционираат работите во „црвено-црниот“ табор оваа сезона. Тој објаснува дека плата зеле само за првиот месец додека за останатите добиваат по 500 евра. Во интервју за шпански „Ас“, Парондо зборува и за тоа како им била соопштена одлуката за тоа дека во клубот немаат иднина и тоа во пресрет на четвртфиналниот двомеч со Пик Сегед.

„Со 500 евра не се живее во Македонија. Затоа кога на некој од играчите му треба нешто, сопственикот му дава одредена сума. Нам долговите ни се признати пред нотар затоа не се сомневам дека ќе ни бидат исплатени. Пред дуелите со Пик Сигед ни беше кажано дека клубот нема да постои во ваква форма. Сега се зборува за изнаоѓање некакво решение“ – вели Парондо.

Тој кариерата ќе ја продолжи како селекторот на репрезентацијата на Египет.

„Дознале за проблемите во Вардар, ми испратија авионски билет и одлуката ја донесов експресно“ – објаснува шпанскиот тренер кој во првата сезона на клупата на Вардар стигна до Ф4 турнирот.

Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот од ракометната лига на шампионите ќе се соочи со Барселона. И пред две години кога ја освои титулата, македонскиот првак забележа полуфинален триумф над каталонскиот состав.

 

 

Се вчитува...