Парондо ќе ја предводи македонската репрезентација на Медитеранските игри

Помошникот на селекторот Раул Гонзалес, Роберто Парондо ќе ја предводи машката ракометна репрезентација на Македонија во комбиниран состав, на Медитеранските игри што ќе се одржат од 22 јуни до 1 јули во Тарагона, Шпанија. Во стручниот штаб заедно со Парондо ќе биде и Александар Царчев кој е задолжен за работа со голманите.

„Ова е предвидено како акција на А тимот, со тоа што во составот најверојатно нема да бидат дел од поискусните репрезентативци, а ќе бидат вклучени помладите играчи што лани настапија на СП во Алжир и некои од ракометарите кои повремено се вклучуваат во националниот тим. На Медитеранските игри ќе биде присутен и селекторот Раул Гонзалес, но репрезентацијата на овие натпревари ќе ја води Парондо со Царчев“ – информира директорот на македонската репрезентација, Милчо Чакарески.

На Медитеранските игри ќе настапи и македонската женска репрезентација предводена од селекторот Симе Симовски. Македонските ракометни репрезентации последен пат настапија на Медитеранските игри во 2013 во Мерсин кога Македонија беше дебитант на Игрите.

До крајот на сезоната, на ракометарите и претстои бараж двомечот за СП 2019 против Романија (10/13 јуни), а на ракометарките последните две средби од квалификациите за ЕП 2018 со Шведска (30 мај) и со Србија (3 јуни).

Се вчитува...