Парондо не е Раул – втор пораз за ракометарите на Медитеранските игри

Втор натпревар, втор пораз за македонските ракометари на Медитеранските игри во Тарагона. Македонската репрезентација вчера загуби од Турција, а денеска остана во негатива и во дуелот против Египет 29-34.

Комбинираниот „медитерански“ состав  на македонската репрезентација кој од клупата го предводи Шпанецот Роберто Гарсија Парондо, не успеа да го најде вистинскиот ритам ни во денешниот втор дуел. Македонија поведе на стартот со 2-4, а потоа Египјаните постигнаа три гола во серија и го презедоа водството и контролата на играта. Македонија уште еднаш дојде до минимална предност поведувајќи со 9-10, но во финишот на полувремето, египетските ракометари одиграа посигурно и на одмор заминаа со предност од 19-17.

Во првите десетина минути од второто полувреме се играше гол за гол. Македонските ракометари се обидуваа да ја анулираат негативата, но Египјаните успеваа да се одбранат. Одново избраниците на Парондо дојдоа на гол разлика (22-23), но повторно противникот успеа да врзе два гола во серија и да ја сочува предноста. Во последните шест минути Египет влезе со предност од (31-25) и ја обезбеди првата победа на Игрите во Тарагона, по стартниот пораз од Србија.

Во третиот натпревар на Медитеранскиот игри во Тарагина, утре (18.30 ч.), македонските ракометари ги очекува дуелот со репрезентацијата на Србија. Утре  (12 ч.) дуел со Србија во Тарагона ја очекува и женската ракометна репрезентација на Македонија.

Се вчитува...