Парондо: Слушаме само ветувања, пари уште не сме виделе…

Роберто Гарсија Парондо е еден од најзаслужните за фантастичниот успех на Вардар со пласманот на фајналфор турнирот во Келн. Шпанецот дојде на местото на Раул Гонзалес, во ситуација кога клубот го напуштија клучните ракометари, но сепак успеа да состави силен колектив за „црвено-црните“ трета година по ред да бидат дел од завршниот турнир во Лигата на шампионите.

„На почетокот од сезоната не бевме вбројувани ниту меѓу најдобрите десет екипи во Европа, имавме многу нови играчи, а дел од ѕвездите си заминаа претходното лето. Успеавме да составиме тим што не се базира на имиња, туку на карактер. Од првиот ден работевме како да ја направиме одбраната гранитна, од натпревар во натпревар тоа се повеќе ни функционираше и резултатот е видлив – пласман на фајналфор турнирот“ – истакнува Парондо во разговор за „Ел Мундо Депортиво“.

Во полуфиналето од Ф4 тунирот Вардар ќе се сретне со Барселона, а шпанскиот стратег улогата на фаворит целосно му ја препушта на противникот.

„Барса има толку многу оружја, не знам што би издвоил како клучно. Тоа не значи дека ќе предадеме, напротив, ќе излеземе на теренот убедени дека можеме да победиме. Вообичаено е да се каже дека одбраната ќе пресуди, но овојпат јас ќе кажам дека клучен ќе биде нашиот напад. Барса дава многу лесни голови благодарение на цврстата одбрана, знае за две минути да направи серија од 5-0 и да го реши мечот. Затоа ние треба многу да внимаваме на нашиот напад, да немаме загубени топки од кои ќе произлезат контранапади на спротивната страна“ – предупредува шефот на стручниот штаб на Вардар.

Тој проговори и за сериозните финансиски проблеми со кои се соочува стручниот штаб и ракометарите.

„Никој не земал плата подолго време, но претседателот ни вети дека долговите кон сите ќе бидат регулирани. Ни должат шест, седум, осум плати, никому не му се допаѓа ситуацијата, но остануваме фокусирани бидејќи пласманот на Ф4 е остварување на сонот за сите нас. Тоа е нашата награда за целото патење во текот на сезоната. Пред неколку дена се отвори можност зза спас на Вардар, поранешниот претседател прави напори да добие поддршка од владата и да донесе спонзори. Сепак, слушаме само ветувања, пари нема, а иднината на Вардар останува компликувана. Постои желба да се спаси, но со буџетот за кој зборуваат нема да може да се одржи највисоко ниво“ – реален е во коментарите Роберто Гарсија Парондо.

Се вчитува...