Очајните игри на Партизан на стартот од новата сезона придонесоа управата на „црно-белите“ експресно да се реши за тренерска смена, па денеска му беше врачен отказ на Владо Шчепановиќ. Овој стручњак доби шанса да го наследи Тринкиери, но воопшто не одговори на предизвикот, Партизан одигра неколку слаби средби во Еврокупот, настапуваше променливо и во АБА-лигата, по што денеска и официјално дојде до разделба.
„По серијата резултати кои не се во склад со амбициите на клубот, КК Партизан донесе одлука мечот против Игокеа да не го води Владо Шчепановиќ. Неговите асистенти Матовиќ и Мијатовиќ се позитивни на Covid-19, па тимот против Игокеа ќе го води тренерот на јуниорите, Миливоје Лазиќ“, објави Партизан на официјалната веб-страница.
Главен фаворит за нов тренер на белградскиот гигант е Сашо Филиповски, врвен стратег со македонски корени кому во последните работни ангажмани прв асистент му беше Боби Митев. Српските медиуми информираат дека преговорите меѓу Партизан и Филиповски почнале веднаш по катастрофалната игра и поразот од Бург, по што се очекува во најскоро време овој стручњак ќе го преземе кормилото на „црно-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА