Партизан во офанзива за потпис на Лука Станковски

Партизан се наоѓа во сериозна финансиска криза и нема буџет за скапи засилувања, па белградските „црно-бели“ ги насочија погледите кон нови имиња што доаѓаат токму од Македонија.

Трансферот на левиот бек Бојан Димоски е речиси комплетиран, а последните информации говорат дека Партизан покажува сериозен интерес и за Лука Станковски, кој во следните денови би можел да се пресели во таборот на „црно-белите“.

Станковски пристигна од Газиантеп во редовите на Раднички и малку време му беше потребно на македонскиот плејмејкер да се наметне како клучен играч во новиот клуб. Тој постигна голови на три меча во серија за Раднички и помогна неговиот тим да влезе во позитивна серија резултати, а управата задоволна од неговите настапи ја искористи клаузулата и за 30.000 евра целосно го откупи договорот што Македонецот го имаше со Газиантеп.

Ова практично значи дека Партизан сега ќе мора да преговара со Раднички за евентуален трансфер на македонскиот интернационалец, што нема да биде нималку лесно ако се земат во предвид конфликтите што старата управа на „црно-белите“ ги имаше со овој клуб. Новите челници на Партизан се надеваат дека ќе успеат да најдат заеднички јазик за да доведат уште еден Македонец во својата екипа, а време има се помалку, ако се знае дека преодниот рок во српскиот фудбал завршува на 14 февруари.

Се вчитува...