Пасквал: За мене финале во Лигата на шампионите е мечот со Вардар

Тренерот на Барселона Чави Пасквал вели дека натпреварот против Вардар на фајнал-фор турнирот во Келн од Лигата на шампионите за него е финале. Пасквал вели дека Барселона во моментов размислува само на полуфиналето со Вардар.

„За мене финале во Лигата на шампионите е мечот со Вардар. Ние во Келн имаме два финални натпревари. Првиот од нив е саботниот против Вардар“, вели Пасквал. 

Шпанскиот стратег вели дека Вардар има неверојатни поединци кои може да се сопрат само со одлична игра во одбраната.

„Тие имаат многу добри индивидуалци, кои е тешко да ги сопреш. Сакаат да се надигруваат и заслужено се пласираа меѓу четирите најдобри во Европа. Нивната одбрана е неверојатна. Видете го Кристопанс, тешко е да пробиеш тим кој има таков ракометар во одбраната“, завршува Пасквал. 

Пред две години кога Вардар го освои трофејот во Лигата на шампионите, во полуфиналето „црвено-црните“ ја совладаа Барселона, со голот на Лука Циндриќ во последната секунда од натпреварот.

Се вчитува...