Пастор: Не ме интересираат проблемите на Вардар…

Шефот на стручниот штаб на Пик Сегед, Хуан Пастор, е свесен за тежината на предизвикот пред неговиот тим на вечерашното гостување против Вардар. Тој ги предупреди своите ракометари дека мора да се одиграат 60 минути на највисоко ниво, без никакви осцилации, ако се сака да се стигне до позитивен резултат.

„Ќе биде многу тежок натпревар, но мислам дека сме подготвени. Вардар ќе тргне моќно, ќе инсистира на брз ракомет, а ние мораме да бидеме паметни, да го наметнеме нашето темпо. Не смееме да тргнеме слабо како во Плоцк бидејќи Вардар е многу посериозен тим што ќе знае да ја казни нашата опуштеност. Подготвени сме за борба, но исто така и сме свесни дека патникот на фајналфор турнирот ќе се решава на реваншот во Унгарија. Ќе сториме се за да стигнеме до што подобар резултат во пресрет на тој дуел“ – изјави Пастор.

Проблемите со кои се соочува Вардар се нешто на што Пастор не дозволува да влијае врз неговиот тим.

„Тоа не е наш проблем, никој не може да каже дали ситуацијата во Вардар ќе има позитивен или негативен импакт врз нашиот противник за овој двомеч. Затоа и не размислуваме воопшто за тоа, туку само за нашата игра. Тоа е она најважното, бидејќи ако играме како што знаеме ќе ја оствариме зацртаната цел“ – истакна шпанскиот стратег на клупата на Пик Сегед.

Се вчитува...