Пастор: Не сме се откажале од Келн…, трпеливо и мудро да го изненадиме Вардар

Вардар е само на чекор од Ф4 завршницата во Лигата на шампионите по убедливата победа од 31-23 против ПИК Сегед во првиот натпревар во Скопје. Па, денеска во Унгарија (19 часот) се очекува „вардарци“ мудро да ја сочуваат предноста која целокупната македонска спортска јавност очекува да ги однесе во Келн.

Но, во таборот на ПИК Сегед веруваат дека може да стигнат до изненадување. Како што вели тренерот Хуан Карлос Пастор, ќе се борат до последниот здив.

„Ние воопшто не сме се откажале од Келн. Треба само да размислуваме позитивно. Уште по првиот пораз веднаш уште во Скопје им кажав на момците да го заборават сето ова и да се фокусираат на реваншот затоа што можеме да успееме. Денешниот меч ќе биде голем предизвик за сите нас!“ – вели Пастор.

Тренерот на Унгарците смета дека ќе мора да одиграат безмалку идеално и во одбраната и во нападот…

„За да дојдеме до посакуваниот резултат мора најпрво трпение. Мора да бидеме мудри со добра одбрана и добар напад. Важно е да не се прават грешки во нападот. Ќе треба да го играме најмудриот ракомет кој постои. Мора да искажам и голема благодарност за сите наши навивачи кои деновиве ни даваат голема поддршка и дополнително не мотивираат за успех“ – истакнува Пастор.

Се вчитува...