Пастор: Вардар ќе игра бавно, а ние мораме да бидеме паметни

Негативата од осум гола од првиот натпревар со Вардар не ги обесхрабрува ракометарите на Пик Сегед, кои веруваат во чудо на неделниот реванш на домашен терен. Идентичен е ставот и на тренерот Пастор, кој верува дека големата негатива може да се надополни со поддршка од трибините и со паметна игра на неговите избраници на теренот.

„Пред се би сакал да им се заблагодарам на нашите фанови за поддршката што ни ја даваат во последните денови. Очигледно е дека тие веруваат дека можеме да победиме со девет гола разлика, веруваме и ние. Низ годините покажавме дека можеме да победуваме убедливо против големи ривали, треба да го потврдиме тоа на следниот меч со Вардар. Знаеме каков меч е пред нас, јасно ни е дека Вардар ќе настојува да игра што побавно, не смееме да бидеме нервозни поради тоа. Мораме да останеме паметни, да ја чекаме нашата шанса и преку цврста одбрана и лесни голови да стигнеме до посакуваниот резултат. Овој меч нема да биде само за ракомет, туку за многу срца кои ќе бијат за нашиот тим, за конечно да се најдеме на Ф4 во Келн“ – истакна Пастор на денешната прес-конференција.

Реванш натпреварот меѓу Пик Сегед и Вардар се игра в недела со почеток во 19 часот.

Се вчитува...