Пејовиќ: Во Пролет дојдов поради ветување дадено пред десет години

Жарко Пејовиќ пристигна во Пролет пред петнаесетина дена и веднаш остави силна трага врз играта на скопскиот суперлигаш, учествувајќи со девет гола во победата над Радовиш со која Пролет стави печат на пласманот во плејофот. Црногорскиот интернационалец во разговор за клупската веб-страница откри дека трансферот во овој клуб е исполнување на даденото ветување уште пред десет години, кога Пејовиќ со успех го носеше дресот на Вардар.

Клучната улога во овој трансфер ја има директорот на Пролет, Сашо Огњеновски, добар пријател со овој квалитетен ракометар.

„Во кариерата минав бројни клубови, играв и во Лисабон, Виена, Белград… но отсекогаш на сите им велев дека Скопје ми остави специјален впечаток и дека еден ден ќе се вратам. Во Вардар минав прекрасни моменти на терен, но истовремено и имав бројни пријатели кои ми го направија тој период од животот незаборавлив. Еден од тие луѓе е Сашо Огњеновски, човекот кој и тогаш беше дел од Тинекс Пролет. Тоа беше пред десет години, кога заедно со уште еден играч му ветивме на Огњеновски дека ќе дојдеме во Пролет за да го облечеме дресот на овој клуб. Додуша, ветувањето беше дека ќе дојдеме да ги завршиме кариерите овде, но ете се поклопија работите за јас нешто порано да потпишам за клубот.  Доста беше само еден повик да дојдам, убаво се чувствувам како и пред 10 години во Скопје, тоа е најважно. Верувам дека го направив вистинскиот потег“, открива Жарко Пејовиќ.

Тој смета дека тимот на Пролет поседува квалитет за уште подобри игри во вториот дел од сезоната.

„Оваа екипа е квалитетна, вредна, го има она што е најважно – сака да работи и да напредува. Има одреден проблем, дали е тоа поради короната или некоја блокада, но мое мислење е дека овој тим има капацитет за многу подобри игри и резултати од она што го прикажува досега. Со второто место го обезбедивме плејофот, но Тинекс Пролет има тим за уште подобар пласман, бидејќи се млади и желни за работа. Ако се продолжи во таков правец, верувам дека може да се очекува да дадеме многу повеќе во следната фаза. Кога ќе кажам многу повеќе не мислам на борба со Вардар и со Еурофарм, кои сепак се друго ниво, но мислам дека Тинекс Пролет може да се носи со сите останати екипи на македонската ракометна сцена“, оптимист е црногорскиот интернационалец.

Се вчитува...