Пеколниот план на Барса: Четири „гратис-засилувања“, па „бомба“ за печат на преодниот рок

Барселона се спаси од финансиски колапс, а претседателот Жоан Лапорта успеа да го консолидира каталонскиот гигант. Јануарските засилувања веќе даваат резултат, но тоа е само почеток од планот на Лапорта, за Барса веќе следната година да се бори за трофеи во сите натпреварувања во кои учествува.

Голем дел од младите и суперталентирани играчи веќе добија нови договори, зимава пристигнаа и искусни фудбалери, кои ќе бидат база за новите засилувања кои се најавени за јули и август. Според шпанските медиуми, Лапорта има пеколен план да состави моќен тим благодарение на пет нови засилувања, од кои дури четири би дошле на „Камп Ноу“ како слободни играчи, по истекот на нивните договори со актуелните клубови.

Првиот договорен трансфер на Барселона е оној на Данецот Кристенсен, кој ќе пристигне од редовите на Челси. Заедно со него се очекува да потпише и Цезар Азпиликуета, искусниот дефанзивец кој може да игра и во срцето на одбраната и како десен бек.

Франк Кеси од Милан треба да биде големо засилување за средниот ред откако во последните десет дена се интензивираа преговорите на интернационалецот од Брегот на Слоновата Коска со директорите на Барса. Квартетот „гратис – засилувања“ ќе го комплетира Мазрауи од Ајакс, кој веќе објави дека нема да потпише нов договор со холандскиот првак, а во наредниот период треба и официјално да го потпише договорот со каталонскиот гигант.

„Бомбата“ се очекува да експлодира на почетокот од летото, кога Барса би требало да го официјализира транферот на Ерлинг Халанд. Норвежанецот беше потенциран како главна желба за летниот преоден рок, тренерот Чави неодамна замина во Минхен за лично да разговара со Халанд, а според шпанските медиуми, токму таа средба била клучна за овој екстра-голгетер да ја избере Барса пред Манчестер Сити и Реал Мадрид.

Се вчитува...