Пелистер до прв триумф сезонава: Работнички потклекна и во Битола

Кошаркарите на Работнички го запишаа и вториот пораз во 2. коло од новата сезона во Првата кошаркарска лига откако загубија убедливо и на гостувањето против Пелистер во Битола со 92-76.

„Пелистерци“, пак, го запишаа првиот триумф сосема заслужено стигнувајќи до победата низ доминантна игра наметната уште од самиот почеток на натпреварот.

Домашните ја добија уште првата четвртина со 26-21, а веќе на полувремето имаа предност и од 47-33, со што веќе навестија дека нема да дозволат никакво изненадување пред своите навивачи.

Работнички успеа единствено да се врати во третиот период од играта, добивајќи го со 25-30, но последната четвртина повторно убедливо им припадна на кошаркарите на Пелистер за конечна победа од 92-76.

Најдобар поединец во домашниот тим беше Хаџифејзовиќ со 29 поени и девет скока, 24 поени запиша Донтај Карутес, а Караџовски дуелот го заврши со 14 поени и две асистенции. Одличен беше и Стајиќ со „дабл-дабл“ ефект од 11 поени и 12 асистенции.

Кај Работнички се издвоија Крафорд со 23 поени и три асистенции, како и Андреј Шошкиќ со 16 поени, три скока и три асистенции.

Се вчитува...