Пелистер доминантен против Куманово

Пелистер стигна до 13. победа во Првата лига откако во 16. коло славеше на домашен терен против Куманово со 104-70. Кумановци беа достоен противник само во првата четвртина по која битолчани успеаја да го наметнат своето темпо, трчаа одлично во транзиција, сегмент од играта во кој постигнаа 19 поени, а притоа доминираа и во рекетот со 62 поени па немаа проблем да уште во првото полувреме да стигнат до двоцифрена предноста и истата да ја задржат до самиот крај.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од теренот во кое двата тима имаа и свои моменти. Куманово подобро ги користеше поените од втора шанса, одигра и добро во одбраната па во еден момент поведе со 14-19, но тајм-аутот на Илиевски го промени текот на мечот. „Зелено-белите“ одговорија агресивно во одбраната, одговорија со добра игра во транзиција па ја превземаа и предноста, но за по 10. минути игра на семафорот да стои резултат 24-24 се погрижи Џеферсон кој погоди за три поени на секунда пред крајот. Добрата одбрана од играта „два на два“ проследена со одлично трчање во транзиција продолжи да биде адут за Пелистер. „Зелено-белите“ го наполнија рекетот на противникот па од минута во минута ја зголемуваа предноста за високи 52-38 на полувремето.

Второто полувреме не донесе промени на паркетот. Пелистер продолжи да го диктира темпото на двата дела од теренот, а со тоа успеа да ја зголеми и предноста. „Зелено-белите“ продолжија да доминираат во рекетот, го приморија противникот на индивидуалните квалитети на Марјановиќ и Џеферсон па по 30. минути игра имаа предност од 83-55. Последните десет минути беа само формалност во кои шанса добија сите играчи во двата тима.

Со 19 поени предводник на Пелистер беше Карпентер, а него го следеше Хаџифејзовиќ со 17 поени и 3 скока. Џеферсон со 18 поени беше лидер на Куманово, додека Марјановиќ додаде 15 поени.

Се вчитува...