Пелистер го наполни рекетот на Еуро Никел за победа во натпреварот на 18. коло

Пелистер им се врати на победите во Првата кошаркарска лига откако во натпреварот на 18. коло славеше против Еуро Никел со 92-74. Битолчани беа на врвот на својата задача во реализацијата од поле, постигнаа 54 поени во противничкиот рекет, рано стигнаа до двоцифрена предност која беше преголем залак за кавадарчани и покрај налетот во вториот дел од мечот.

Еуро Никел го започна натпреварот со две тројки во низа за предност од 2-6, но Пелистер не дозволи рано водство на гостинскиот тим. Добриот проток на топката во нападот носеше лесни поени за „зелено-белите“ преку кои до крајот на четвртината успеаја и да поведат со 24-18. Избраниците на Илиевски продолжија да го диктираат темпото и до крајот на полувремето, преку Силаџи стигнаа до првото двоцифрено водство (30-20), а добрата игра на двата дела од теренот ја задржа предноста од 49-37 по првиот дел од мечот.

Работите на теренот не се променија ниту во второто полувреме. Серијата на тројки на Караџовски и Стајиќ донесе предност од +20 (61-41) за „зелено-белите“, а и покрај тоа што Еуро Никел на крилја на Гавриловиќ и Златев успеа да ја намали негативата на 71-56 по 30. минути игра, нешто подоцна и на -13 (73-60) во 32. минута, навременото консолидирање на редовите на Пелистер не дозволи неизвесна завршница.

Со 26 поени и 8 скока Хаџифејзовиќ го предводеше Пелистер, а него го следеше Стајиќ со дабл-дабл од 17 поени и 10 асистенции. Со 15 поени најрасположен кај Еуро Никел беше Стојановски, а 12 поени и 10 скока забележа Планиниќ.

Се вчитува...