Пелистер го освои Охрид и стигна до второто место

Ракометарите на Е. Пелистер излегоа како победници од клучната битка на гостувањето против Охрид (22-25), триумф со кој битолските „зелено-бели“ направија клучен чекор за освојување на второто место кое значи и загарантиран пласман во ЕХФ Европската лига. Охриѓани пред еден месец како гости ја освоија Битола, но немаа сили повторно да го земат скалпот на екс-шампионот, Пелистер одигра најдобро кога беше најважно и заслужено се радуваше на победата.

Уште од раната фаза на мечот стана јасно дека Пелистер е дојден по триумф, битолчани подобро отворија, поведоа со 2-4, потоа имаа и 4-7, па и најубедливи 7-14. Во овој период блескаше Никола Митревски, кој со серија одлични интервенции му овозможи на својот тим да се одлепи резултатски. На одмор се замина со резултат 10-16 откако во последните десетина секунди од полувремето најпрвин прецизен беше Кузмановски, а потоа на спротивната страна и Прибетиќ.

Битолчани продолија во ист ритам и на стартот од второто полувреме, поведувајќи со преубедливи 12-20 по погодоците на Кузмановски и на Радивојевиќ. Охрид се приближи на 17-21, но „пелистерци“ искусно го приведоа мечот до крај и заслужено се радуваа на големата победа.

Митревски беше херојот со 16 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Радивојевиќ со осум и Кузмановски со четири погодоци. На спротивната страна, Пилиповиќ собра 11 одбрани за Охрид, додека прв стрелец на овој тим беше Јасухира со пет постигнати гола.

Се вчитува...