Пелистер го положи првиот испит: Планиниќ и Костоски донесоа победа над Борац Бања Лука

Пелистер стигна до петтата победа во АБА2 лигата откако на отварањето на турнирот во Широки Бријег славеше над Борац Бања Лука со 73-72 во драматична завршница во која херој на битолчани беше Јуре Планиниќ кој доминираше во рекетот на противникот со офанзивни скокови.

Самото отварање на средбата беше во знакот на Борац Бања Лука, но како што одминуваа минутите избраниците на Дарко Радуловиќ успеаја да го превземат моментумот и со добар проток на топката да стигнат до лесни поени за предност од 23-18 по 10. минути игра. Серијата на тројки ги донесе и највисоките +9 (29-20) на самото отварање на втората четвртина, а и покрај малиот пад во играта „зелено-белите“ успеаја да ја задржат предност од два поседа на полувремето за 40-36.

За разлика од првото полувреме, Пелистер потфрли на отварањето на второто. Борац Бања Лука доминираше на двата дела од теренот па брзо ја стопи предноста на македонскиот состав со обидите за зад линијата 6,75. Серијата од 13-0 донесе предност за составот од БиХ (42-51), а плод за битолчани не вродија ниту тајм-аутите на Радуловиќ. Борац поведе и двоцифрено (44-56), но Планиниќ со поени во самата завршница на третата четвртина донесе едноцифрена негатива (51-60) и наговести интересна завршница.

Петтата лична грешка на расположениот Вест кој до последната четвртина постигна 17 поени ја олесни задачата за Пелистер па избраниците на Радуловиќ влегоа во ритам. Агресивната одбрана вроди плод, проработе и шутот за три поени во нападот каде се истакна Најт па Пелистер експресно се врати во натпреварот и го превзема водството за 63-62.

Натпреварот на еден посед траеше до нешто помалку од три минути до крајот кога Борац со тројката на Делалиќ поведе со 67-72, а и покрај тоа што прво Мијовиќ, а потоа и Костоски не успеваа да реализираат за три поени, борбениот Планиниќ со доминација во рекетот ги врати „зелено-белите“ во игра. Со три реализирани слободни фрлања Хрватот донесе негатива од 70-72, а по новиот офанзивен скок на 40 секунди пред крајот асистираше до Костоски кој погоди за 73-72 поставувајќи го конечниот резултат.

Токму Планиниќ со 21 поен и 15 скокови беше лидер на Пелистер, а него го следеше Костоски со 14 поени. 13 поени и 7 асистенции додаде Најт.

Се вчитува...