Пелистер го понижи МЗТ сред Аеродром (фотогалерија)

Пелистер ја продолжи серијата извонредни игри во плејофот откако вечерва на гостински терен го декласираше МЗТ Скопје со резултат 74-85, како најава за полуфиналната серија меѓу овие две екипи. „Зелено-белите“ имаат четири од четири во плејофот, а откако пред неколку дена го надиграа лидерот ТФТ, вечерва истото го сторија и против шампионот МЗТ, и тоа на гостински терен сред Аеродром. За МЗТ денешниот пораз значеше и губење на сите шанси за првото место на табелата, што ќе значи дека како второпласиран во полуфиналето ќе се сретне со Пелистер како трет на табелата.

Аееродромци тргнаа фуриозно, па по три минути игра веќе имаа десет поени предност (11-1). МЗТ имаше најубедливи 15-2, но Пелистер се врати, најпрвин се стабилизираше преку центарот Вилсон, а потоа со поените на Лука Стојановски и на Митревски подобро ја заврши четвртината и се приближи на само три поени негатива (21-18). Вториот период мина во апсолутна доминација на гостите во зелено-бело, кои за една минута поведоа со 21-22, а потоа имаа предност до крајот на полувремето. МЗТ го доби овој дел од мечот со 16-28, преку Брејси Дејвис стигна до првото двоцирено водство (35-46), на одмор заминувајќи со 37-46.

МЗТ повторно фуриозно го почна полувремето, за три минути не му дозволи на гостинот ниту еден поен, па шампионот за момент поведе со 49-46. Тајмаутот на Даскаловски го врати Пелистер во ритам, Брејси Дејвис ја прекина серијата на домашниот тим, Пелистер повторно заигра цврста одбрана, што му овозможи третата четвртина да ја заврши со водство од 54-61. Сите надежи за камбек исчезнаа во првите неколку минути од последната четвртина откако предноста повторно стана двоцифрена, а потоа по шутерското шоу на Дејвис и на Џенкинс и над 20 поени (62-85). МЗТ делуваше шокирано и безидејно, но „пелистерци“ се опуштија пред крајот, а домашниот тим го искористи тоа за да ја преполови огромната негатива и овој дерби дуел да заврши со 74-85.

Брејси Дејвис беше предводник со 18 поени, 7 скокови и 5 асистенции, а одличен придонес дадоа и македонските кошаркари во Пелистер, Андреј Митревски постигна 17, а Лука Стојановски 16 поени. Кај МЗТ најефикасни во овој пораз беа Смит Мекјуен со 19 и Танасковиќ со 15 поени.

По овој дуел веќе нема дилеми и околу изгледот на полуфиналето во плејофот, МЗТ Скопје ќе ја има предноста на домашниот терен против Пелистер, додека во втората полуфинална серија ТФТ ќе се сретне со Маџари, тимот кој е најпријатно изненадување во мак-баскетот оваа сезона.

 

Се вчитува...