АБА2: Пелистер го „уништи“ Спарс Сараево

Македонскиот кошаркарски вицешампион стигна до петтата победа сезонава во АБА 2 откако на турнирот во Бања Лука во првиот меч успеа да слави над Спарс Сараево со убедливи 99-71.

Тимот од Босна и Херцеговина одлично го отвори натпреварот. Кошаркарите на Спарс погодуваа од секоја позиција и по десет минути игра заминаа со предност од 28-23. Избраниците на Марјан Илиевски заиграа неверојатно во вториот период во кој на противникот му дозволија само десет поени, па на пауза заминаа со предност од 38-52. Во вториот дел „зелено-белите“ само го приведоа мечот до самиот крај за конечни 71-99.

Кенет Карпентер со 23 поени беше прв поентер во таборот на победникот, додека одличен натпревар одигра и Димитар Караџовски кој заврши со 22 поени и девет асистенции. Кај поразените Лука Мајсторовиќ заврши со шеснаесет поени.


Standings provided by Sofascore

Се вчитува...