Пелистер ја освои бронзата во мак-баскетот (фотогалерија)

Пелистер ја освои третата позиција во македонскиот шампионат откако во денешната мајсторка во „малото финале“ како гостин го совлада ТФТ со резултат 86-90. Како и претходните два меча, повторно гостинската екипа беше таа што се радуваше на крајот, за спуштање на завесата и за „пелистерци“ и за ТФТ за оваа натпреварувачка сезона. Дуелот повторно беше крајно неизвесен, по „пелистерци“ беа подобри во моментите кога се решаваше победникот и заслужено се радуваа на триумфот.

Пелистер беше подобар противник на самиот почеток, отворајќи со тројката на Малешевиќ, а потоа и поведувајќи со 6-12. Крстевски беше прецизен во неколку наврати и донесе водство од 19-28, но првата четвртина заврши со 22-28 по тројката на Зафиров за ТФТ. Домашниоот тим експресно се врати, израмни на 36-36, потоа имаше и водство, но Стајиќ со две тројки се погрижи на одмор да се замине со израмнети 44-44.

Второто полувреме донесе низа пресврти, Пелистер прв се одлепи и повведе со 53-61, но ТФТ го сврте резултатот во своја полза во последната четвртина. „Црно-белите“ имаа водство од 77-71, потоа и 79-73, но Стајиќ и Крстевски донесоа целосен резултатски пресврт. Пелистер водеше со 81-88 и имаше напад, ТФТ не се предаде и се приближи на само два поени негатива (86-88), пред Малешевиќ од линијата за слободни фрлања да стави печат на победата на гостите од Битола.

Дамјан Крстевски со 23 поени ги предводеше стрелците на Пелистер на овој дуел, Џенкинс постигна 18, а Малешевиќ 17 поени за победничкиот тим, додека најефикасни кај ТФТ беа Ташовски со 29 и Зафиров со 20 поени.

 

Се вчитува...