Пелистер не запира – прв ја освои Кисела Вода

Пелистер ја продолжи импресивната серија настапи во Првата лига со нов убедлив триумф, овојпат на првото гостување во Скопје на битолчани, против екипата на Академија ФМП со преубедливи 67-95. ФМП влезе во овој натпревар без претрпен пораз на домашен терен во досегашниот дел од сезоната, но избраниците на тренерот Петровиќ вечерва немаа одговор за поквалитетниот противник.

Домашните беа подобри само до седмата минута, кога по нивното водство од 12-8 гостинските кошаркари влегоа во своето препознатливо темпо. Малешевиќ го донесе пресвртот, во шутерски ритам влезе и Бојан Трајковски, па првата четвртина заврши со резултат 19-25. Академија ФМП на почетокот од вториот период намали на 25-27, но тоа беше се од домаќините на овој меч, „пелистерци“ влегоа во нова серија со која на одмор заминаа со резултат 30-39. Доминацијата на битолчани продолжи и во второто полувреме, предноста се повеќе се зголемуваше, па прашањето на победникот беше решено уште на почетокот од последната четвртина. Во финишот двајцата тренери одморија дел од клучните играчи, но водството на Пелистер остана убедливо, се до конечните „плус 28“.

Малешевиќ одигра одличен натпревар и со 22 поени и седум скокови беше клучна фигура во редовите на Пелистер, а по 14 поени постигнаа Магдевски и Стајиќ. Најпрецизни во таборот на Академија ФМП при првиот домашен пораз сезонав беа Крстајиќ со 15 и Атанасов со 11 поени.

Се вчитува...