По девет години битолски Пелистер повторно се враќа на европската сцена. По оние дуели против кипарски АПОЕЛ во 2008 година, „пелистерци“ вечерва повторно во 1. квалификациско коло за Лигата на Европа.
Својата европска одисеја битолчани ја почнуваат со гостувањето против Лех Познањ во Полска верувајќи дека може да стигнат до позитивен резултат, со кој ќе останат надежите пред реваншот за пласман во следната рунда натпревари.
Стратегот на Пелистер, Наџи Шенсои посакува барем еден постигнат гол во мрежата на Лех, и покрај тоа што сите се свесни дека Полјаците ја носат фаворитската улога.
„Секако оставаме Лех да ја носи фаворитската улога во овој двомеч, но тоа не значи дека не сме цврсто решени во позитивно светло да го претставиме македонскиот фудбал. Дојдени сме тука да се надигруваме затоа што веруваме во себе, подготвени сме на битка до крај и сигурно носени од императивот да постигнеме и погодок на ова гостување“ – вели Шенсои, притоа дополнувајќи:
„Знаеме дека Лех и дополнително ги засили своите редови со доведување на пет-шест нови квалитетни имиња. Но, ние не се оптоваруваме со тоа. Ние се концентрираме само на нашата игра и нашата желба за позитивен резултат“.
Натпреварот меѓу Лех и Пелистер се игра вечерва од 20:45 часот на „Инеа стадионот“ во Познањ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА