Пелистер импресивно ги одигра петте рунди од плејоф доигрувањето откако попладнево лесно и убедливо славеше над Тиквеш со резултат 100-93. Нападот повторно функционираше беспрекорно, беа постигнати над 100 поени, како јасна потврда дека битолчани во топ-форма ќе го дочекаат претстојното полуфинале во плјеофот со тимот на МЗТ Скопје.
Пелистер отвори бавно во нападот на самиот почеток, за да до првото водство дојде во седмата минута од натпреварот (16-13), а првата четвртина ја доби со 29-25.
Крстевски ја отвори втората четвртина со тројка, Пелистер продолжи да го контролира резултатот, со неколкуте реализации на Вилсон одржувајќи ја предноста на девет поени (38-29, 40-31). Тиквеш за момент се приближи на 44-42 на помалку од 90 секунди до крајот на полувремето, но самата завршница мина во знакот на „зелено-белите“, Вилсон беше во главна улога и Пелистер замина на одмор со седум поени предност (51-44).
Во третата четвртина домашните дојдоа и до плус 13 (59-46), но Тиквеш постигна четири поени во последните десет секунди и ја спушти разликата под десет поени (75-67).
Сите дилеми околу победникот беа разрешени по неколку минути од четвртата четвртина, Вилсон одигра одлично и постигна пет поени во низа, Брејси Дејвис реализираше од контранапад и „зелено-белите“ веќе имаа 82-68 во своја полза.
Во завршницата Даскаловски ги повлече дел од најдобрите кошаркари, но и оние помладите кои добија шанса максимално ја оправдаа довербата, па Пелистер рутински го приведе мечот до крај и конечните 100-93.
Ленгстон Вилсон одигра одличен натпревар реализирајќи 29 поени и 9 скокови, Брејси Дејвис имаше 24 поени, а двоцифрен ефект имаа и Малешевиќ со 18 и Џенкинс со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

