Пелистер тргнува во СЕХА: Металопластика мора да падне во Битола

Пелистер вечерва против Металопластика на домашен терен ќе ја стартува сезоната во СЕХА лигата. Битолчани се големи фаворити против некогашниот европски ракометен шампион. Тренерот на тимот Жељко Бабиќ вели дека и повеќе од потребни се што повеќе мечеви да има тимот како би можел да влезе во форма.

„Најбитно е што почнува СЕХА лигата. Толку ни требаа натпревари, посебно за нашите млади ракометари. Ни требаат да имаме натпреварувачки ритам за Европската лига. Сакав да игравме порано, да одигравме повеќе натпревари, но лично се радувам на стартот и очекувам добар натпревар и победа. Сакам да споменам дека ни доаѓа поранешниот селектор Вуковиќ, сега тренер на Металопластика. Од него учев, заради него и неговата генерација го засакав ракометот. Големо задоволство ми е што ќе го видам и ќе го поздравам. Металопластика има одличен контра напад, две брзи крила, агресивна одбрана 3-2-1 која се трансформира во 6-0. Имаат дефанзивен интензитет и транзиција. Се работи за потентен тим кој сигурно бара одличен пристап и ментален и физички ангажман при секој удар. Имавме одличен настап против Тримо Требње. Играчите се фокусирани и ангажирани и верувам дека и покрај квалитетите на екипата од Шабац, ќе ја повториме партијата од пред две недели“, вели Бабиќ. 

Покрај Пелистер и Металопластика во А групата се наоѓаат и Татран Прешов и ППД Загреб. Во Б сегментот противници на вториот македонскит претставник, Вардар ќе му бидат Мотор Запорожје, Нексе и Војводина. Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за во 17:45 часот.

Се вчитува...