Пелистер во Шабац за потврдување на четвртфиналето во СЕХА

Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска и гостуваат на Металопластика во Шабац. Битолчани со победа на овој меч ќе го загарантираат второто место во својата група и со тоа директно ќе се квалификуваат во четвртфиналето од регионалната лига. Тренерот на „зелено-белите“, Жељко Бабиќ вели дека поради цела ситуација со пандемијата од коронавирусот сите мора да бидат подобри од претходните години.

„Сами малку си го загорчивме распоредот, бидејќи продолжување да играме во Европа, па почна и СЕХА лигата и домашното првенство, па многу играме и многу патуваме. Веќе е малку поинаку за разлика од претходните години, па на тоа мора да гледаме како на предизвик. И јас како тренер треба да бидам подобар од претходно, треба да направам добар план, ротација и стратегија и да ги распоредиме силите за она што ни следи во март и април. Се сеќавам на натпреварот во Битола против Металопластика, бидејќи беше тежок дуел. Беше последен натпревар во тој дел од првенството и беше психолошко оптеретување за играчите. Сите тие, па и јас, бевме на пат кон дома и игравме тежок натпревар. Имавме проблеми во првиот дел, губевме и ловевме резултат. Сепак, во вториот дел пронајдовме баланс, посебно дефанзивен, и со индивидуални потези на некои играчи создадовме предност и издвојувавме победа во еден тежок и квалитетен натпревар“, вели Бабиќ. 

Бекот на тимот од Битола, Дејан Кукуловски вели дека иако немаа многу време за подготовка одат на победа во Шабац.

„Добро се чувствувам, се враќам од повредата. Малку поспоро одеше враќањето, но не е нешто сериозно и ќе бидам спремен за следните натпревари. Немавме многу време да се спремаме за Металопластика, но одиме во Шабац по победа. Нема да биде лесно, Металопластика е одлична екипа, но се спремаме колку што имаме време и тоа е тоа. Добро сме спремни, се враќаме во ритам, се враќаат репрезентативците. Ние играме на секој натпревар на победа, па што биде нека биде“, вели Кукуловски. 

Натпреварот меѓу Металопластика и Пелистер ќе се игра денеска во Шабац со почеток во 17 часот.

Се вчитува...