„Пелистерци“ директно во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер ќе се најде директно во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ, откако битолчани беа вклучени во групата на тимови кои нема да играат квалификации за настап во ова натпреварување. Покрај Пелистер, дел од групната фаза сигурно ќе бидат и Бенфика, Фуксе Берлин, Пау Аикс, Јиштад, Скјерн, Шафхаузен, Гранолјерс, Татран Прешов, Мотор Запорожје, Балатонфуреди и Валур.

„Пелистерци“ во минатите две години ја минуваа групната фаза, но во осминафиналните пресметки беа елиминирани од Магдебург, односно Нексе, а јасно е дека амбициите и оваа сезона се да се стигне до нокаут-рундите, а потоа да се направи напор да се стигне што подалеку.

РК Еурофарм Пелистер 2 ќе се натпреварува во квалификации за ЕХФ Европската лига и својот европски пат ќе го започне од првото квалификциско коло.

Третиот македонски претставник во ова натпреварување, скопски Бутел, ќе биде слободен во првото коло и настапот ќе го почне од вторите квалификации за ЕХФ Лигата на Европа.

Првото коло од квалификациите ќе се игра на 27/28 август и 3/4 септември, а второто квалификациско коло ќе се игра на 27 септември и 4 октомври. Групната фаза ќе стартува на 25 октомври.

Се вчитува...