Еурофарм Пелистер претрпе пораз од 25-23 на гостувањето против Ним, дуел за кој македонскиот вицепрвак не можеше да смета на неколку клучни ракометари како Периќ, Мараш и Обрадовиќ. Оние кои настапија се покажаа во одлично светло, но со лимитиран ростер битолчани немаа сили да го издржат темпото до самиот крај, губејќи го мечот со два гола разлика.
„Пелистерци“ беа достоен противник уште од самиот почеток, покажувајќи дека без оглед на важните отсуства немаат намера без борба да капитулираат пред тимот од кого загубија на домашен терен на стартот од сезонава. Санад беше единствениот расположен за игра во нападот на Ним (четири гола во првите десет минути), но штом Секељи го запре неговиот пенал е египетскиот интернационалец не беше во полна пареа до крајот на полувремето. Еурофарм Пелистер имаше водство од 5-7, но по исклучувањата на Кукоски и на Маџовски францускиот состав за две минути даде три гола и донесе предност од 8-7. Битолчани повторно имаа предност, но падот на концентрацијата во финишот на полувремето придонесе на одмор да се замине со водство на Ним од 13-12.
Вториот дел почна со два гола и изнудено исклучување на Граџан, по што Еурофарм Пелистер поведе со 14-16. Тука за момент дојде до пад во концентрацијата, а домаќините предводени од Санад стигнаа до предност од 18-16. Разликата десетина минути се движеше меѓу еден и два гола, за Ним во 54.минута за првпат на мечот да стигне до „плус три“ (23-20). „Пелистерци“ се приближија до 23-22, но следеа два гола на крилата Гигу и Санад, за печат на триумфот на францускиот тим, на крајот изразен со конечните 25-23.
Санад беше клучна фигура на овој натпревар со десет гола за Ним, додека во таборот на Еурофарм Пелистер најефикасни беа Граџан со седум, пред Табоада со пет и Мандалиниќ со четири погодоци.
Еурофарм Пелистер во следното коло ќе го пречека Шафхаузен, еден од клучните натпревари за избегнување на четвртото место во групата кое значи пресметка со Магдебург во нокаут-фазата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА