„Пелистерци“ задоволни: Одиме по вистинскиот пат, благодарност до Лекиќ за приемот во ФИБА

Големо е задоволството во таборот на Кошаркарскиот клуб Пелистер откако „зелено-белите“ добија можност да бидат дел од јубилејното десетто издание од Лигата на Шампионите.

Апликацијата за влез во елитното натпреварување на ФИБА беше прифатена, па битолскиот клуб беше дел од денешната ждрепка за квалификациите за ЛШ, каде за противник го добив италијанскиот претставник Реџо Емилија.

Директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски, беше присутен на денешната ждрепка во Лозана, од каде ги пренесува импресиите.

„Знаеме дека Реџо Емилија ќе ја има улогата на фаворит, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Она што е најважно за нас е што чекориме по патот што го имаме зацртано… кога пред две години пристигнавме во клубот порачавме дека сакаме да поставиме цврсти темели, да изградиме бренд што ќe биде препознатлив. Дефинитивно се грижиме во вистински правец, се развиваме како клуб и од контактите што ги имаме со луѓето овде дополнително шириме познанства што ќе бидат добредојдени за натамошен развој во иднина“, вели Ивановски од Лозана за клупската веб-страница на „пелистерци“.

Тој исто така јавно се заблагодари на Дејан Лекиќ, Македонецот кој има значајна функција во ФИБА Европа, за придонесот за остварувањето на зацртаните цели на КК Пелистер.

„За нас е голема чест што сме дел од Лигата на Шампионите во јубилејната десетта година од постоењето на ова натпреварување, како прв клуб од Македонија што ќе игра во ЛШ. Голема благодарност до Дејан Лекиќ, кој ни даде голема поддршка за да аплицираме за Лигата на Шампионите, а исто така и се покажа како одличен домаќин овде во Лозана. Чест е да се има Македонци на важни функции во вакви големи организации“, порачува Филип Ивановски.

Се вчитува...