Српскиот голман Страхиња Милиќ кој по заминувањето на Арпад Штербик требаше да биде број еден на голот, си заминува од Вардар. Веста засега се уште е неофицијална, но според најавите, најверојатно веќе утре ќе биде официјализирано „спогодбеното“ раскинување на договорот.
Со проблемот на голманската позиција, Вардар се соочува два дена по стартот на подготовките за новата сезона. Неофицијално, причина за заминувањето на Милиќ е прекумерната тежина која и покрај предупредувањата, „Џамбо“ не успеал да ја регулира, а Дејан Периќ кој е тренер на голманите и помошник на Роберто Парондо на клупата, тоа не го толерира. Нетрпеливоста меѓу Периќ и Милиќ е со постар датум уште од периодот кога тој како селектор поради недисциплина, го отстрани Милиќ од репрезентацијата на Србија. Иако лани по доаѓањето на Периќ во Вардар, тврдеа дека репрезентативните недоразбирања се надминати во клупската соработка, сепак, брзо се потврди дека тие двајца не можат да работат заедно.
По веста дека Страхиња Милиќ сигурно си заминува од Вардар се појавија и шпекулациите дека тој од Скопје ќе се пресели во Ниш и ќе ја продолжи кариерата во Железничар под палката на Веселин Вујовиќ.
Вардар пак ќе остане само со еден голман во подготовките пред стартот на новата сезона, и тоа со новакот Дејан Милосављев кој дојде од Партизан како замена за Арпад Штербик, а сега и за Страхиња Милиќ. Во ростерот на Вардар на голманската позиција е и македонскиот репрезентативец Даниел Ѓорѓески, но тој имаше операција на коленото и му претстои пауза за рехабилитација.
Страхиња Милиќ ќе биде седмиот играч од ланскиот состав што си заминува од Вардар. За потсетување, на крајот од сезоната од таборот на „црвено-црните“ си заминаа Арпад Штербик, Илија Абутовиќ, Лука Циндриќ, Хорхе Македа, Жоан Канељас, Мијајло Марсениќ како и тренерот Раул Гонзалес и неговиот помошник Давид Дејвис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА