Пешиќ: На Теодосиќ му беше понудена опција да биде резерва… тој не е резерва

Селекторот на српската кошаркарска репрезентација Светислав Пешиќ е топ тема кај нашиот северен сосед по отпишувањето на легендарниот репрезентативец Милош Теодосиќ од списокот на кошаркари на кои ќе смета за престојните квалификации за Светското првенство 2023 и Евробаскетот кој започнува на 1. септември.

Медиумите во минатите денови шпекулираа со причината за отпишувањето на 35-годишниот Теодосиќ, а Пешиќ денеска на пресконференција ја откри причината.

„Гледам дека одлуката за Теодосиќ донесе разни коментари. Но, тоа што прв пат ми се случува во кариерата е фактот дека не успеав ни да стигнам да ја информирам екипата за одлуката, а порталите објавија дека Теодосиќ е елиминран или отстранет од екипата. Морам да ви кажам дека погрешно сте информирани. По тоа ме бараа новинари кои ги познавам и оние кои не ги познавам, но не ми падна на памет да се јавам. Пред се задача ми е да обезбедам мир во репрезентацијата за да можеме да продолжиме понатаму. Одлуката беше заедничка, и моја и на претседателот и на директорот, дека нема потреба да се јавиме“, вели Пешиќ кој продолжи:

„За жал екипата ја информиравме малку подоцна, но тие знаат што јас мислев. Со Теодосиќ направивме разговор, а одлуката не беше лесна. Не бидејќи тој е долго во репрезентацијата. Можеби беше изненаден, но тоа е составен дел од спортот. Му соопштив дека не можам да му понудам статус и место кое досега го имаше во репрезентацијата и дека во овој момент има играчи кои можат повеќе да дадат“.

На доскорешниот капитен му била понудена улога да биде резервен играч, но тој едноставно не е резервен играч…

„Тој е капитен на репрезентацијата, даде многу за тимот. Постоеше идеја да остане, да биде резервен играч, но тој не е играч кој е резерва. Во тој момент мислев дека имам подобро решение на неговата позиција. Тој се заблагодари, а и јас му се заблагодарив на начинот на кој тој го прифати тоа“, додава Пешиќ.

Србија подготовките за престојните натпревари ги продолжува во среда со пријателскиот натпревар против Словенија во Љубљана.

Се вчитува...