Пет причини за германската апокалипса

Фудбалската јавност се уште е во шок по очајните изданија на Германија на овој мундијал, кои придонесоа актуелниот светски првак уште во групната фаза да ја заврши одбраната на трофејот. Германците тотално потфрлија, а од бројните причини издвојуваме пет:

1. Јоаким Лев, неуспешен експеримент

Селекторот на Германија се надеваше на повторување на успехот од пред четири години, но му се случи токму спротивното. Главен дел од вината сигурно е кај него, најпрвин со неповикувањето на Сане од Манчестер сити, потоа со бројните експерименти, од кои ниту еден не вроди со плод. Против Шведска ги пресели на клупата Кедира и Озил, против Кореја тоа беше случај со Милер, но суштинскиот проблем беше што Лев ја заборави победничката формула. И сега ако е карактер, треба да плати за лошите избори со отказ.

2. Одбраната – швајцарско сирење

Колку само смешно делуваше одбраната на Германија против Мексико, трагично за еден актуелен светски првак. Хумелс и Боатенг дефинитивно се предалеку од онаа форма што ги вбројуваше меѓу најдобрите светски дефанзивци до пред неколку години. Боатенг доби црвен картон со Шведска, па не играше со Јужна Кореја, Хумелс се врати за овој натпревар, но повторно потфрли. На три натпревари кон голот на Германците беа упатени вкупно 14 удари, повеќе од нив имаа само Египет (16) и Јужна Кореја (15).

3. Ги виде ли некој Озил и Милер?

Улогата на лидери се очекуваше покрај Крос да ја преземат Месут Озил и Томас Милер, но и двајцата тотално потфрлија. Асот на Арсенал слабата форма од дресот на „топчиите“ ја пренесе и на репрезентативен план, но затоа големо разочарување беше Милер, кој имаше шанса да го нападне рекордот на Клосе за најдобар стрелец во мундијалската историја, но наместо да повлече напред тој се вклопи во сивилото.

4. Немањето на врвен голгетер

Лев ризикуваше повикувајќи играчи за засилен среден ред, немајќи во својот состав ниту еден „расен стрелец“. Милер најчесто играше како крилен офанзивец, Вернер многу се трудеше, но без ефект, а и Марио Гомез по влегувањето во игра во второто полувреме не постигна ниту еден погодок.

Немањето на мајстор во противничкиот шеснаесетник беше сериозен проблем, за кој селекторот Лев не успеа да најде одговор.

5. Нојер пред Тер Штеген

Мануел Нојер не е директен виновник за елиминацијата, но неговиот статус на првотимец само покажува колку Лев ја загуби почитта од остатокот на тимот. Тој беше без настап цела година поради повреда, но селекторот сепак му даде шанса пред Тер  Штеген, кој имаше одлична сезона на голот на Барселона.

Како што јавуваат германските медиуми, голем дел од играчите биле незадоволни што Нојер прераснува во „сива еминенција“ со загарантиран првотимски статус и кога не го заслужува тоа.

Се вчитува...