Пет причини за успехот: Вардар сфати дека не треба да се плаши

Вардар по повеќе од една деценија е првиот македонски првак што успеа да помине во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ го елиминираа Малме, совладувајќи го со 3-1 во Струмица, со фантастичен пресврт во второто полувреме. Токму во вториот дел, Вардар покажа дека знае да игра фудбал, кога ќе се осмели да нападне кон противничкиот гол.

Еве ги петте причини кои беа клучни за успехот на Вардар.

vardar-mal (14)

Самодоверба

Вардар истрча на теренот во Струмица со намера да ги брани оние 1-1 од Шведска. Тимот беше ориентиран на одбрана на својот гол, да ги затвори приодите кон Филип Гачевски. Но, тој план на тренерот Гоце Седлоски, за среќа на Вардар, пропадна по само 16 минути.

Малме постигна погодок од пенал, и потоа Вардар мораше да се трансформира, да тргне во напад, со намера да израмни. Дури тогаш Вардар сфати дека треба да игра фудбал со многу поголема самодоверба и да биде многу поофанзивен.

Блажевски „ин“ – Глигоров „аут“

IMG_4951

На полувремето Вардар имаше негатива од 0-1, и тренерот Гоце Седлоски мораше да повлече потег. За среќа, го повлече вистинскиот. Нареди многу поофанзивен пристап во вториот дел, го внесе во игра Дејан Блажевски засилувајќи ја навалната линија, а го повлече Никола Глигоров, на кого сите додавања во првото полувреме му одеа кон назад, алиби игра кон својот гол. Блажевски внесе продорност, брзина и сила во нападот.

Воздушните дуели

На првиот натпревар во Шведска, Вардар беше инфериорен во воздушните дуели против Малме. Противничките фудбалери ги добиваа сите клучни дуели во воздухот, а на таков начин успеаја и да израмнат, кога Франц Брорсдон со удар со глава ја затресе мрежата на Гачевски.

IMG_4711На реваншот во Струмица, Вардар одговори на одличен начин во битката во воздухот. Беше одлично скокачки расположен. Хамбарџумјан со удар со глава ја погоди гредата, капитенот Бобан Грнчаров на идентичен начин го израмни резултатот, а во одбраната сите поопасни ситуации беа расчистени навремено.

Лудицноста на Фелипе

vardar-mal (17)

Во второто полувреме, конечно Фелипе ја доби својата вистинска улога на теренот. Вардар тргна многу поофанзивно, а Бразилецот токму тогаш е во вистински елемент, кога треба да ја диктира играта, да асистира, да дели топки, да пробива. Успеа да се избори за пенал, во ситуација кога беше речиси сам во противнапад контра одбраната на Малме. Имаше одлични проигрувања по страничните позиции, отворајќи игра за Барсегјан, Хамбарџумјан и Блажевски.

Николов – на својата позиција

Во првото полувреме, Бобан Николов беше отсечен, како и поголемиот дел од фудбалерите на Вардар, кои беа „програмирани“ да играат само одбрана. Беше поставен како поддршка за единствениот напаѓач Балотели, да се уфрлува од позадина со намера да го загрози противничкиот гол.

vardar-mal (13)Во вториот дел, Бобан Николов ја доби улогата во која многу подобро се снаоѓа. Беше вратен во средишниот дел, да делува од едниот до другиот шеснаесетник, со своите одлични тркачки способности. И во таква ситуација го даде најдоброто од себе, прекина многу противнички напади, организираше игра на својот тим, а на крајот го постигна и третиот гол за Вардар, со кој го запечати триумфот.

 

Се вчитува...