Петиција за спас на Вардар: Самсоненко да си ги подмири долговите, и да ја информира јавноста што се случува во клубот!

Со крајот на есенскиот дел од сезоната и доближување до крајот на годината до кога актуелниот сопственик на ФК Вардар, Сергеј Самсоненко, најави комплетно подмирување на долговите на најтрофејниот македонски клуб, од навивачката група на црвено-црните „Лојал фанс“ активираа петиција за спас на Вардар преку која бараат најпрво максимална отчетност од страна на актуелното, како што велат, неспособно раководство и информација од Самсоненко до јавноста што се случува во клубот.

„Ние, навивачите на ФК Вардар, Револтирани од кризата во која западна најтрофејниот македонски фудбалски клуб, вознемирени од блокадата на сметките на клубот, бесни поради неспособноста на сегашното раководство и незаинтересираноста на властите да се изнајде одржливо решение за гордоста на нашиот град и Македонија, загрижени од можноста ФК Вардар да згасне, со надеж дека ќе го поттикнеме Градското собрание повторно да го земе клубот под своја закрила, покренуваме електронска граѓанска иницијатива“ – велат во петицијата навивачите на Вардар и бараат:

1.   Сегашното раководство да ја информира јавноста за тоа што се случува во ФК Вардар и да достави целосен извештај за состојбата во која се наоѓа клубот до Градот Скопје,

2.   Господинот Сергеј Самсоненко да ги исплати долговите што клубот ги должи и да го врати ФК Вардар во сопственост на Град Скопје со чиста сметка,

3.   Во случај г-дин Самсоненко да не ги подмири долговите, Градот Скопје да го преземе клубот и да изнајде начин за подмирување на долговите со цел стабилизирање на ФК Вардар.

АЈДЕ ДА СИ ГО СПАСИМЕ КЛУБОТ!
СПАС ЗА ФК ВАРДАР МОРА ДА ИМА!

Се вчитува...