Пецаковски: На Металург му ја препуштаме фаворитската улога, но …

Пролет ќе го пречека Металург во првото коло од ракометниот плејоф, дуел во кој домашните ракометари му ја препуштаат фаворитската улога на пореномираниот противник. Сепак, Пролет го засили играчкиот кадар за клучниот дел од сезоната, што им дава за право на тренерот Матлиески и на клупската управа да се надеваат дека веќе во првото коло можат да го земат скалпот на Металург, директен ривал во битката за излез во ракометна Европа.

Дејан Пецаковски е еден од најискусните во редовите на Пролет, играч од кого многу ќе зависи играта во одбрана на Пролет, што ќе биде пресуден фактор доколку Пролет сака да стигне до триумф над Металург.

„Металург има навистина квалитетни играчи во своите редови и убедливите порази на дел од европските натпревари не треба да залажуваат никого. Нивната добра игра против Адемар Леон е јасен знак за квалитетот на овој клуб, кој токму благодарение на ритамот од бројни одиграни европски средби ќе ја има фаворитската улога денеска. Секако, тоа не значи дека ќе се предадеме, бидејќи ние веруваме дека можеме да се носиме со овој ривал. Едноставно, ќе мораме да одиграме перфектен меч, пред се во одбраната, да ги неутрализираме главните оружја на противникот“, порачува Пецаковски.

Се вчитува...