Пеце е на потег: Битка за тронот со Антиќ или капитулација

Перо Антиќ останува единствен кандидат за симнување на Петар Наумоски од кошаркарската власт на Собранието на МКФ што ќе се одржи денеска напладне во „Сквер 21“ во центарот на Скопје. Повлекувањето на Владимир Темелковски од трката за функцијата на 12 часа пред Собранието на МКФ уште повеќе ги зацврсти позициите на Антиќ, но и го наруши „планот за игра“ на Наумоски кој се надеваше на поделба на гласовите од противниците за да забележи нова изборна победа.

Вака, ситуацијата е многу покомпликувана за актуелниот претседател. Тој веќе доби две битки во обидите за смена во тек на мандатот, но сега ситуацијата е многу посложена и за разлика од последното Собрание – многу веројатно без Агенцијата за млади и спорт со ветар во грб. Наумоски дури и самиот се нема изјаснето дали ќе се кандидира за претседател, оставајќи до последно да ги преброи гласовите на кои ќе може да смета пред да ја донесе конечната одлука.

И затоа, Петар Наумоски сега е на потег. Да ја донесе конечната одлука – дали ќе тргне во конечна битка за останување на слатката функција или да капитулира на самиот почеток од Собранието. Ако нешто научија кошаркарските работници во овие четири години е дека Наумоски никогаш не треба да се отпишува, особено кога во ракавот го има адутот „тајно гласање“, надополнет со стопроцентната поддршка од здруженијата чии предводници се менуваат „по потреба и согласно покажаната послушност“.

Собранието напладне ќе даде одговор на прашањето дали Перо Антиќ ќе застане на чело на Македонската Кошаркарска Федерација или Наумоски ќе искористи уште еден од своите „девет животи“.

Се вчитува...